10 чекори за негувана кожа во зима | Blogmas day 3

10 steps to perfect skin in winter

Со промена на годишните времиња се менува и нашата рутина за нега на кожа. Лесниот лосион којшто го нанесуваме во лето и ни е доволен за освежување и хидратација на кожата на телото, во зима треба да се замени со потешки путери и маслени лосиони. Лабелото коешто ни даваше сјај во текот на летните месеци треба да се замени со похидратанти и богати маски и производи за усни.

Кожата реагира на сите промени коишто настануваат во околината. Во зима нашата кожа има тенденција да биде посува па дефинитивно и нашата рутина и чекори треба да се прилагодат на новонастанатите потреби. Надворешниот ладен сув воздух ја прави кожата да изгледа груба, додека пак внатрешниот загреан сув воздух ја цица влажноста од вашата кожа. Во продолжение ќе наведам неколку предлози за тоа на што треба да внимавате кога станува збор за нега на кожа во зимските денови. Дополнително ќе Ви споделам слики со производи коишто се мој избор за секоја од точките наведени подолу.

1. Ограничете го времето поминато под туш, но и температурата на водата со којашто се туширате

Особено во зимските месеци сите сме ставени во искушение да се тушираме со многу топла вода, но тоа може да биде пресудно за исушување на вашата кожа на целото тело. Истото се однесува и на процесот на миење раце, млаката вода е сосема доволна за да помогне во успешно отстранување на бактериите и нечистотијата од вашите раце. Исто така при туширањето користете креми за туширање наместо гелови, бидејќи кремата ќе даде поинтензивна нега на кожата во споредба со гелот, особено во овие зимски ладни месеци.

Winter skin essentials 1

2. Ако не сте почнале со методот на двојно чистење сега е моментот да го направите тоа!

Зошто? Во двојното чистење вообичаено првиот чекор е наменет за отстранување на сите нечистотии и шминка со помош на маслен чистач или балзам за отстранување на шминка. Ваквиот тип на производ понежно ги отстранува нечистотиите од лицето, а со самото тоа што е масло придонесува до дополнителна хидратација на кожата. Но, сепак тука мора многу да се внимава и на изборот на втор чистач којшто е на водена база. Ако имате масна/комбинирана кожа ваш избор нека биде чистач во геласта форма, којшто е без мириси и е нежен на кожата и не ја исушува. За сув тип на кожа идеален избор би било користење на крема за чистење на лицето.

Winter skin essentials 2

3. Нанесувајте ги производите за хидратација во слоеви!

Во зима ваш најдобар пријател се хидратантните тонери, серуми и богати негувачки креми. Хидратантни тонери сега барем имате голем избор на нашиот пазар, особено затоа што имаме бум од понуда на корејска козметика, а корејците се првенци кога станува збор за тонери коишто имаат намена да ја хидрираат, освежат и да го вратат изгубениот баланс на кожата. Ако составот на тонерот дозволува, слободно нанесете го во повеќе слоеви на вашата кожа, истата ќе ви биде благодарна. Хидратантните серуми исто така треба да бидат дел од вашата рутина. Секогаш завршете ја вашата рутина со богата хранлива крема, со цел да се овозможи задржување на влажноста на кожата и да се спречи нејзино исушување.

Winter skin essentials 3
Winter Skin Essentials 3/2
Winter Skin Essentials 3/3

4. Правете редовна ексфолијација на вашата кожа без да претерувате.

Под редовна ексофлијација на мртвите клетки на кожата, во зимски период, подразбирам правење на хемиски пилинг еднаш неделно или пак во растојание од десетина дена. Ако се одлучите за механички пилинг, бирајте пилинзи коишто не се агресивни на кожата и коишто дополнително во составот имаат негувачки и хидратантни својства. Многу важно после екфолијацијата е добро хидрирање на кожата.

Winter skin essentials 4

5. Нанесувајте хидратантни маски еднаш до два пати неделно!

Во последно време повеќе практикувам да нанесувам маски коишто се оставаат на лицето за време на ноќта или пак маски коишто се измиваат. Се поретко ги користам лист маските, знам да ги употребам во деновите кога правам целосен спа третман па уживањето со лист маска на мене додава дополнително чувство на уживање и релаксација. Барајте маски коишто во себе содржат високохидратантни својства, хијалуронска киселина, шеа путер, мед, прополис, филтрат од слуз од полжав и сл. (на овие прво ми текна а секако дека има уште многу други состојки коишто пружаат длабинска нега и хидратација). Ноќните маски ќе направат кога ќе се разбудите наутро вашата кожа да изгледа поодморено, свежо, негувано, сјајно и подмладено.

Winter skin essentials 5

6. Не се плашете да вклучите масла во вашата рутина.

Изборот е голем, масло од јојоба, бадем, шипка, роза, сквалан, овес, чиа и сл. Изберете согласно вашиот тип на кожа и уживајте во длабинската нега којашто ја пружа. Масла можат слободно да нанесуваат и лица со масна и комбинирана кожа, треба само да внимаваат да изберат масло коешто е некомедогено и да го нанесуваат во ноќната рутина. И јас практикувам маслата да ги нанесувам навечер, или како последен чекор од мојата рутина или помешано со ноќниот крем. Ќе приметите голема разлика особено ако ја осеќате кожата сува и затегната како резултат на студениот сув воздух.

Oil in skincare

7. Никако не ја заборавајте негата на рацете и стапалата.

Никако не ја заборавајте негата на рацете и стапалата. Рацете во овој период се први на удар и најмногу страдаат. Додадете го на тоа и честото миење на раце и користење на гелови за дезинфекција и имате „убиствена“ комбинација. Затоа хидратантните креми и маски за раце се неизбежен чекор во вашата рутина, богатите масни креми користете ги во поголема количина навечер пред спиење, а преку ден користете полесни креми коишто побрзо ќе се впијат и нема да ви пречат во извршувањето на вашите обврски. На пазарот имате голем избор, ваше е да го најдете соодветниот за вашата кожа. Истото ќе го потенцирам и за негата на стапалата. Не носиме сандали и отворени чевли па често забораваме на нив, а тоа не треба да биде случајот. Зимските месеци се одличен период во којшто можете да ги користите и маските во форма на чорапи наменети за ексфолијација на мртвите клетки на стапалата кои што се базираат на АХА/БХА киселини.

Foot and hand care

8. Нанесувајте богати балзами за усни!

Негуваните усни се секогаш ин, а знаат повеќе да страдаат во текот на зимските месеци.

Lip care in winter

9. Нанесувајте СПФ секој ден!

Иако е зима, штетните УВ зраци се постојано присутни, а кремот со заштитен фактор е тука да ве заштити од нив. Исто така е одличен сојузник против стареењето, ве штити од рана појава на бори и од фотостареење.

SPF in winter

10. Внимавајте на исхраната и пијте многу вода!

Она што внесуваме во организмот и те како се одразува на тоа како изгледа нашата кожа. Трудете се да имате балансирана исхрана и да пиете многу вода!

Кој чекор плус би го додале вие во оваа листа? Едвај чекам да ги чујам вашите предлози.

Ве гушкам,

Бојана

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top