„Авон на сечие лице„ | Blogmas day 20

Авон на сечие лице насловна

Уфф дечки, се мислев од каде да го почнам овој блогмас пост, затоа што ќе биде поразличен.
Ќе си ја отворам малку душичката, во духот на роденденскиот месец на блогот и во духот на мојата нова, актуелна кампања со Авон.

Да ми кажеше некој дека ќе бидам поканета да учествувам во нивната кампања “Авон на сечие лице” немаше да верувам. Се се случи така спонтано и брзо. Не бев ни свесна кое експонирање тоа ќе биде на моето лице и на мојот блог.

Avon на сечие лице

Ќе ви кажам една тајна. Го почнав блогот толку наивно и искрено, од голема љубов кон козметиката, особено шминката, но и кон пишувањето исто така. Спонтано, како созревав со него, созреваа и темите кои ги обработував, па покрај декоратива, почнав да истражувам за препаративна козметика, затоа што џабе шминката, ако основата не ја бива. За блогот на почетокот не кажував ни на пријателите, одвај една, две пријателки знаеа за него и по некое време ги информирав и членовите од семејството. Не бев ни сигурна како ќе го водам, за што сè ќе пишувам, дали ќе допрам до публика која ќе сака да ги чита моите постови. На моја голема радост, еве после 4 години на постоење на блогот, имам скромна, но многу значајна бројка на следбеници со кои комуницирам на дневна база, си споделуваме совети за шминка и козметика, се поддржуваме во секојдневните предизвици и растеме заедно.

Не знам од која причина се чувствував чудно и глупаво да споделувам дека водам блог. Се срамев од нешто што сум создала сама, и тоа баш сама, со изгледани неколку курсеви за wordpress, креирање на лого и сл., чекор по чекор го создадов блогот. Но, Imposter синдромот и кај мене надвладеа, би признала дека на моменти сеуште се борам со таа состојба. Тоа е она чувство кое се јавува кога се сомневате во себе и своите капацитети, како и во вредноста што ја додавате на се што правите. Зошто баш мене да ме следат, дали воопшто учат нешто од мене, дали им помагаат информациите кои ги споделувам или само си умислувам дека моите постови за некого значат поттик за да кај себе направат промени во животот, па макар било тоа и подобрена рутина за нега на кожата. Мислам дека е резултат на општеството во кое живееме и нашето опкружување, кое често знае да биде сурово, да исмева. Но, за imposter синдромот можам да посветам и цел пост, затоа што мислам дека е многу честа појава, а не сме ни запознаени дека постои како термин.

Авон на сечие лице

Да се вратам на поентата, никогаш не сум била добра во тоа да се држам до суштината, секогаш сакам да кажам сè одеднаш, па на крај не кажувам ништо. Затоа ќе се потрудам да бидам конкретна и да го кажам следново:

Јас сум горда на www.getonmymirror.com и на се што претставува овој блог. Среќна сум што ми донесе многу нови пријателства. Неочекувано ми донесе соработки со прекрасни компании на кои не им значи бројката на следачи, туку ја препознаваат љубовта и страста со која е напишан секој еден пост. Се трудам сè што ќе споделам да биде однапред истражено, испробано и секогаш го споделувам моето искрено искуство со производите. Ќе бидам реална и ќе кажам дека сакам да ширам позитива, па ако со нешто не сум задоволна едноставно не пишувам за тој производ, а ако некој ме праша за него, секако дека ќе го изнесам моето искрено мислење. На блогот покрај козметика ќе читате и за мода, и за личен развој, и за работа на себе, ќе читате за сите теми кои што се дел од мојот живот и ме интересираат. Затоа што тоа се темите на кои разговарам со моите пријателки на кафе, многу природно ми доаѓа да сакам дружбата со истите теми да ја пренесам и на социјалните мрежи и на мојот инстаграм профил. Ќе прочитате предлог и за нова книга, и за нова серија и за омилен подкаст и за добро парче накит кое сум го забележала во некој излог или на нечиј инста профил. Едноставно, е и ќе биде катче каде што ќе можеме да научиме нешто ново, да се инспирираме или пак да си кажеме ако нешто не мачи, сите ќе потврдат дека не постои ниту една неодговорена порака во инбокс.

И, да се осврнам на најважното. Всушност поттик за овој пост како што споменав на почетокот е најновата кампања на Авон. Освен на социјалните мрежи нашите пораки ќе ги пренесеме и во нашите најчитани списанија Убавина и здравје и Портрет. Така да нема веќе криење, има само одење напред. А ако некогаш се посомневам за мотивите зошто го правам ова, ќе стои овој пост тука да ме потсети дека го правам пред се за мене, а после и за сите вас. И морам да ја искажам мојата неизмерна благодарност кон Авон Македонија, нивната несебична поддршка ја уживам од самиот старт на мојот блог и се еден од главните поттици што GetOnMyMirror е сеуште тука!

Ќе завршам со пораката од кампањата:

„Рутината за нега на кожата за мене претставува посебен вид на себе грижа. Негувајќи ја мојата кожа, се негувам и себеси“

А вие трк да ги купите најновите изданија на Убавина и здравје и Портрет и ве чекам со споделени впечатоци кај мене на профил.

Искрено ве сака ваша,

Бокица

Getonmymiror_blog

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top