Hello again. 7-ми ден Блогмас денес. Кога помина првата недела од декември, не знам. Не ја осетив. Морам да признаам организацијата со блогмасот ми одзема време, ама па и забавно ми е да создавам содржина за вас. Се надевам дека и вие наоѓате нешто корисно во секој од постовите и дека уживате во нивното читање. Денешната тема е посветена на производи за нега на околуочното подрачје и усните.
Постои дебата во skincare светот за тоа дали е потребно да вложуваме пари во посебна крема за нега на околуочното подрачје или тоа можеме да го правиме со серумите и кремите кои ги нанесуваме на целото лице. Мојот став е дека, ако имате осетлива кожа или осетлив предел околу очите, секогаш е подобро да изберете производ кој е формулиран соодветно за нанесување на тој осетлив, нежен предел. Таква е состојбата и кај мене, на многу од кремите кои ги користам знам да изреагирам бурно кога станува збор за тој предел околу очите.
Затоа денес ќе ви го споделам мислењето за неколку креми кои ме освоија изминатата 2021 година. Дополнително, како што и беше најавена темата, ќе споделам неколку производи за усни кои ми овозможуваат длабинска нега и регенерација на усните.

Производ бр.1 - Benton Fermentation Eye Cream'
Овој околуочен крем ми беше на листа на желби дооолго време и кога дојде моментот конечно да го купам бев пресреќна што не сум погрешила во изборот. Станува збор за крем кој има прекрасна мазна путераста текстура која дава моментална хидратација на околуочното подрачје и го освежува. Помага во намалување на изгледот на борите и фините линии, благодарение на аденозинот кој го има во составот на овој крем. Ферментираните состојки и церамидите пак придонесуваат до осветлување и блескавост на пределот околу очите. Благодарение на убавата формулација оваа крема ја враќа еластичноста и виталноста на кожата. Може да се нанесе на сите предели на лицето каде што е поотребно третирање на бори и фини линии. Јас го купив од elloxy.mk. За директен линк клик тука.

Производ бр. 2 - Just Revox Rose water Avocado oil eye care fluid
Овој флуид за нега на околуочното подрачје е со одлична цена и преубав ефект на хидратација и нега на кожата. Составот е збогатен со вода од роза, шеа путер, масло од авокадо, масло од сладок бадем. Ја спречува појавата на темни кругови и ја намалува подуеноста. Придонесува и до измазнување и намалување на изгледот на борите и фините линии. Дополнително нуди и антиоксидантна заштита. Има лесна, брзо апсорбирачка текстура. Нема додаден мирис. Дефинитивен фаворит за изминатата година. Можете да го најдете кај atika.mk, torba.mk, ДМ и Космо,

Производ бр. 3 - Embryolisse smoothing radiance booster
Можеби го користам само месец дена, ама како да ми бил фаворит цел живот. Ова е совршениот производ за нанесување на пределот околу очите, особено наутро. Веднаш го живнува и освежува делот под очите, ги намалува отоците и визуелно го осветлува тој предел. Има и разладувачки ефект кој дава дополнителен ефект на будење. Одличен е и за прајмер пред нанесување на шминка, особено ако се соочувате со посув дел околу очите. Дополнително ја измазнува кожата и ја намалува шансата да се собере коректорот во фините линии. Има едноставна кратка листа на состојки. Јас го купив од Зегин. Можете да ја погледнете инстаграм страната на Embryolisse Македонија каде секогаш информираат на кои се места се достапни да се купат нивните производи. Често може да се начека и на попуст.

Производ бр. 4 - Carmex classic lip balm
Култен фаворит на многумина со причина. Ова лабело ми е омилено со години затоа што никогаш не ме изневерува во моментите кога ми е потребна интензивна нега и хидратација на усните. Ги штити од ладно, ветровите и суво време. Има преубава мазна текстура која лизга на усните. Ми се допаѓа и преубавиот сјај кој им го дава. Хидратацијата се чувствува со часови по неговото нанесување. Откако кај нас станаа достапни повеќе видови на Carmex лабела, со јагода, ванила, лубеница и др., сфатив дека сепак оригиналната верзија најмногу ми лежи. Можете да ги најдете во аптеките на Зегин, Тинекс, ДМ и сигурно на уште многу други локации низ Македонија.

Производ бр. 5 - Avon Cannabis Sativa lip elixir
Овој еликсир за усни го „утепав“ од користење цело лето. Овозможува одлична хидратација на усните, ги омекнува, измазнува и им дава преубав сјај. Она што ми се допаѓа е тоа што хидратацијата се задржува на усните со часови. Во состав има убав микс на масла како масло од канабис, масло од кокос, авокадо, јојоба и витамин Е. Безбоен е, нелеплив и немасен. Го обожавам и го препорачувам од срце.
Дојде крајот и на уште еден блогмас пост.
Многу би сакала да прочитам кои се вашите омилени производи за нега на околуочното подрачје и нега на вашите усни?
И секако, се читаме утре повторно.
Ве сака и гушка ваша,
Бокица