Најкористени креми со заштитен фактор за 2021 | Blogmas day 8

Креми со заштитен фактор

Здраво и добредојдовте на ново блогмас дружење. Производите со заштитен фактор (СПФ) се главната тема на денешниот пост. Годинава испробав неколку креми со СПФ, а тие кои ќе ги споделам денес се оние кои најчесто ги користев и се издвоија за изминатата година.

Па да започнеме...

Differin заштитен фактор

Производ бр.1  - Differin Oil Absorbing Moisturizer with sunscreen

Differin производите можете да ги нарачате од iHerb. Оваа крема со СПФ ја купив по препорака на @kattzia и ми се погоди супер. Не ги затнува порите, ја матира кожата и го упива вишокот себум. Има лесна, нелеплива текстура која брзо се впива во кожата и дава удобно чувство. Не остава бел траг. Убаво изгледа и под нанесена шминка, не се рони и перута на кожата. Единствена мана е тоа што ако во некој момент од денот ви влезе во очи, создава непријатност и печење. Ако имате прилика да си ја нарачате ја имате мојата препорака.

Revox Just Daily Sun shield заштитен фактор

Производ бр.2  - Revox Just Daily sun shield SPF 50

Revox ми е еден од омилените брендови достапни кај нас, особено поради лесната достапност, задоволниот квалитет и одличната цена која ја имаат. Кога најавија дека излегуваат со нова крема со заштитен фактор имав големи очекувања кои ми се оправдаа. Кремата е доста хидратантна, брзо се упива, не остава бел траг, има лесна текстура, убав мирис и е удобна на кожа. Задоволна сум и од заштитата која и ја даде на мојата кожа во текот на летните месеци.Единствената мана ми е малата милилитража на производ од 30 мл, брзо се троши особено ако се држиш до стандардот на нанесување на крема со заштитен фактор. Не забележав да ми предизвикува иритиации и затнување на порите. Можете да го најдете во ДМ, Космо и онлајн кај torba.mk и atika.mk

Altruist Antitredness and pigmentation заштитен фактор

Производ бр.3  - Altruist Anti redness & pigmentation SPF 50

Оваа крема со заштитен фактор беше пријатно изненадување за мене. Наменет е за кожа која е осетливаи склона кон појава на црвенила. Има зелена боја која помага да се неутрализираат црвенилата на лицето. Како почнува да доаѓа во контакт со топлината на кожата од зелена боја се претвора во боја на кожа која дава минимална покривност и дава преубаво изедначување на тенот. Иако на почетокот се добива потемна боја за кратко време се прилагодува на тенот на кожата и убаво легнува на лицето. Мислам дека не би бил соодветен за користење само на многу светол тен. Ако имате потемен тен можете да постигнете потемна боја ако нанесете уште еден слој на производ на кожата. Многу често ја носев и како замена за течна пудра. Не предизвикува иритации, погоден е за кожа која се соочува со хиперпигментации затоа што помага во нивно изедначување и спречува појава на понатамошна пигментација. Јас го купив од yeppeuda.mk

Heliocare gel oil free sunscreen заштитен фактор

Производ бр.4  - Heliocare gel oil free sunscreen protector solar

Ако имате масна, комбинирана кожа и кожа склона кон појава на акни ова е кремата со заштитен фактор за вас. Дава ултра мат и сув финиш на кожата. Ако имате сува и дехидрирана кожа, подалеку од оваа крема, нема да ви се допадне сигурно. Дури и јас, иако имам комбинирана кожа, некогаш чувствував потреба под него да нанесам хидратантна крема. Како крема штити од УВА, УВБ, видлива светлина и инфрацрвени зраци. Дополнително со својата Fernblock технологија и додадените состојки како вит. Ц, Е и зелен чај, овозможува моќна антиоксидантна заштита на кожата. Јас го купив од Еурофарм аптеките.

Avon Care sun Shine Control SPF 50 заштитен фактор

Производ бр.5  - Avon Care Sun Shine Control SPF 50 Facial sunscreen

Многу убав, секојдневен крем со заштитен фактор. Она што ми се допаѓа е што е водоотпорен. Ја остава кожата мека, нежна и хидрирана. Не остава бел филм. Составот е зногатен со витамин Е и алое вера кои овозможуваат дополнителна нега на кожата. Не ја масти, напротив остава природен финиш на кожата.

Distillery shade the day заштитен фактор

Производ бр.6  - Distillery Shade The Day SPF 25 Day cream

Оваа крема веќе знаете дека ми е омилена со години, откако излезе во продажба. Бидејќи има СОФ 25 вообичаено ја користам во периодите од октомври до април месец, кога јачината на сончевите зраци не е толку високо. Има 100% минерален заштитен фактор. Има преубава лесна текстура, која брзо се впива во кожата и и го дава најубавиот здрав сјај кој би го посакале да го имате. Поради екстрактот од роза може да се забележи благ мирис на роза кој и дава дополнителен шмек на кремата. Поради минералниот фактор остава малку бел траг, кој за среќа не се задржува долго на кожата. За брзо време се губи и речиси незабележителен. Оваа крема е и одлична база за шминка, не се собира и не се перута на кожата. Совршена е и со причина е моја омилена!

Кои се вашите омилени креми со заштитен фактор?

Ве сакам сите што дочитавте до крај, хаха.

Се гледаме утре повторно на уште едно блогмас дружење.

Ве сака и гушка,

Бокица

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top