Денес ви пишувам за производите кои ги користам за да постигнам избледување на флеки од акни и намалување на хиперпигментација на кожата. Производите кои ги споменав во постот за справување со уморна, безживотна кожа исто така можат да се користат и за третирање на хиперпигментации и дисколорации. Овој пост го дополнувам со производи кои не се споменати во тој пост, а се одлични за таа намена.

Производ бр. 1 - Revox Azelaic Acid 10%
Ова е прв производ со азелаична киселина кој го имам купено и се трудам секогаш да го имам во мојата колекција затоа што ми беше првата состојка која успеа за брзо време и без иритации да ми ги смири маскнето на брадата и образите. Има текстура на лесно лосионче кое веднаш се впива во кожата, не го ни осеќате. Не ми предизвика исфрлање и црвенила. Ефективно помага во борбата со акните и со избледување на флеките кои се јавиле по нивното заздравување. Дополнително избледува хиперпигментации и дисколорации. Го користев во утринската рутина два до три пати неделно или по потреба. Има одлична цена, можете да го најдете ДМ, Космо или онлајн кај torba.mk и atika.mk

Производ бр. 2 - True Alchemy 11,1 % Azelaic acid cream suspension
Азелаичната киселина ги елиминира бактериите кои предизвикуваат акни, спречува формирање на флеки кои се јавуваат како резултат на акните и ги избледуваат веќе постоечките флеки. Цинк оксидот помага во побрзо опоравување на кожата и заздравување на раничките од акни. Витаминот е ја штити кожата и помага во нејзиниот процес на заздравување. Јас го користам како спот третман односно само на регииите на кои им треба третирање, без разлика дали станува збор за избледување на флеки или побрзо заздравување на акни. Остава мал бел филм кој се јавува како резултат на цинкот. Затоа и претпочитам да го нанесувам во ноќната рутина. Можете да ја нарачате кај bellina.mk За директен линк клик тука.

Производ бр. 3 - Cos de Baha Tranexamic acid 5%, Niacinamide 5%
Ова серумче е релативно ново во мојата колекција, но ме освои со убавиот ефект кој го забележав и по скоро месец дена користење. Се базира на 5% транексамична киселина и 5% ниацинамид. Наменет е за избледување на пигментации, флеки, лузни од акни и мелазма. Не ја прави кожата осетлива на сонце. Лесна е за вметнување во рутина затоа што може да се користи во комбинација со речиси секоја активна состојка: ниацинамид, бакучиол, салицилна киселина, азелаична киселина, витамин Ц, ретинол и др. Има убава, малку леплива текстура, ама не толку за да остава непријатно чувство. Можете да го нарачате од beautyhub.mk. За директен линк клик тука.

Производ бр.4 - Novaclear Advanced Whitening Serum
Овој серум е фаворит на сестра ми со докажан ефект за избледување на флеки и изедначување на тен. Дефинитивно е на моја wish list исто така затоа што поседува високи концентрации на алфа арбутин, азелаична киселина, витамин Ц и Тетрапептид. Ја осветлува кожата, ги намалува дисколорациите, контролира појава на акни, го враќа младешкиот изглед на кожата. Има лесна текстура, нема мирис и додадени вештачки бои. Има одлична комбинација на активни состојки и е одличен мултинаменски производ. Можете да го најдете во ДМ и Космо како и онлајн кај torba.mk и atika.mk

Производ бр.5 - Revox Alpha Arbutin 2% + HA
Сакав да го вметнам и овој серум со алфа арбутин како главна активна состојка затоа што е со многу достапна цена, а може да се забележат ефекти, секако по подолго континуирано користење. Откако го потрошив Вита Б3 серумот, кој е комбинација на ниацинамид и арбутин, го купив ова серумче за да го комбинирам со друг серум со ниацинамид кој го има на залиха. Не е тежок на кожа па се трпи и кога ќе се нанесе во слоеви со останати серуми. Најчесто го нанесувам наутро, прво го нанесувам ниацинамид серумот, па овој серум со арбутин. Некогаш и го нанесувам таргетирано само на некои флеки кои ги имам. Можете да го нарачате од torba.mk, atika.mk, ДМ и Космо.

Производ бр.6 - Avon Distillery Vitamin C shot Powder
Витамин Ц како состојка веќе знаеме дека е одличен избор за постигнување на изедначен тен и избледување на флеки и хиперпигментации. Конкретно овој производ во состав има чиста аскорбинска киселина и витамин Е. Две-три протресувања се доволни да се помешаат со вашиот омилен серум или крема. Јас најчесто го мешам со хијалуронската киселина на ХАДА ЛАБО и го нанесувам во утринската рутина.
Ви благодарам што стигнавте до крајот и на овој пост. Ве обожавам.
Се читаме утре,
Ве гушкам,
Бојана