Just Revox AHA 30% Peeling solution | Blogmas day 4

Just Revox AHA 30% peeling solution

AHA (алфа хидроксилни) киселини се група на природни киселини коишто се наоѓаат во цитрусните овошја, шеќерна трска, сок од домат, јаболко и грозје како и кај други овошја.

Нивната намена е да направат ексфолијација на површинскиот слој на кожата и да се добие резултат на мазна и свежа кожа.

Кога нанесуваме производи со овошни киселини во составот, секогаш треба да бидеме многу внимателни. Да ги нанесуваме производите на внатрешниот дел на лактот, да почекаме неколку минути со цел да видиме дали ќе развиеме некоја иритација, црвенила, пецкање на производот. (Оваа метода на тестирање всушност би ја препорачала да ја правите за сите нови производи коишто ги воведувате во вашата рутина со цел да избегнете несакани ефекти на вашата кожа). Ако се покаже дека нема иритација тогаш слободно нанесете го производот и на вашето лице. Секогаш имајте предвид дека иритација може да се покаже на лицето и покрај нејзиното отсуство при тестирањето на мала површина на вашата кожа.

AHA киселините можете да ги најдете во различни облици како што се серуми, чистачи за лице, посебни пилинг солуции или како тонери. Конкретно денес ќе ви пишувам за Just REVOX AHA 30% пилинг солуцијата. Оваа пилинг солуција содржи 30% AHA  добиена од сок од јаболко, зелен лимон и киви. Не треба да се споредува со таа на The Ordinary (AHA/BHA peeling solution) затоа што, таа пилинг солуција содржи различна комбинација на AHA киселини во составот (гликолна, млечна, тартарична и цитрусна) и плус е додадена 2% BHA киселина (салицилна киселина).

just Revox AHA peeling solution close-up

Моето искуство со користење на овој хемиски пилинг

Just Revox AHA 30% peeling solution го користам еднаш неделно. Го нанесувам исклучиво навечер, го масирам се додека не се впие во кожата на лицето. Го оставам да делува максимум 15 мин. и потоа го измивам. Никако не го оставајте на вашето лице подолго од 15 минути, уште помалку да го оставите на вашето лице цела вечер.

Јас не осетив пецкање, црвенила и затегнување на лицето ни по првото користење. Откако го измивам, лицето има преубав свеж сјај и е мазно на допир. Искрено овој ми беше прв производ којшто го користев со таа висока концентрација на АХА киселина и немав несакани ефекти на лицето. Имајте предвид дека веќе две години во мојата рутина е застапена гликолната киселина, така што моето лице не се среќава прв пат со киселини.

Ако до сега не сте користеле хемиски пилинзи во вашата рутина или пак ако имате осетлива кожа, можеби е подобро еден период во вашата рутина да внесете киселини како млечната и гликолната, и тоа во ниски концентрации од 5 до 7 % (млечната може и до 10% затоа што е помалку веројатно да предизвика иритации поради својата поголема молекуларна маса) и на тој начин вашето лице постепено да се навикне на користење на киселини.

Ако сепак сакате да започнете со користење на овој хемиски пилинг, започнете со 5 минути држење на вашето лице и нанесувајте го на растојание од 10 дена. Како лицето ќе станува поотпорно така можете да го зголемувате времето во коешто киселината ќе биде нанесена на вашето лице. Кога користите киселини секогаш имајте предвид дека мора да користите СПФ наутро, затоа што вашата кожа во тој период е посебно осетлива на штетното сонце. После ваков пилинг следува добра хидратација и богата нега на кожата, со цел да се избегне евентуално исушување на кожата. По негово користење обавезно нанесувам хидратантен тонер или есенција, негувачки серум и богата хранлива крема. Овој производ може да се користи и за третман на петите и задебелените делови на кожата на стапалата, со цел да направите отстранување на мртвите клетки од површинскиот слој на кожата којашто има тенденција да биде груба и сува. Секако и тука важи истото правило, обавезно хидрирање на третираните области со богати масни креми коишто ќе ја омекнат и измазнат кожата.

Дали сте го пробале овој хемиски пилинг?

Можете да го најдете во ДМ дрогериите и во е-продавницата на Торба.мк

П.С. Сега го купив и го имам на залиха и AHA/BHA хемискиот пилинг на The Ordinary, па ќе направам и за него рецензија откако ќе го тестирам одреден период.

П.П.С Се што споделувам е од мое лично искуство. Секогаш пред да воведете нов производ во вашата рутина направете истражување и едуцирајте се за производот и неговите состојки. Ако не сте сигурни секогаш консултирајте се со професионалец во дадената област. Она што мене би ми одговарало може да не биде за вашиот тип на кожа, возраст, рутина и сл.

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top