It’s my Birthday
33 години енергија во овој убав свет. И најубавото допрва доаѓа. Истото ќе си го речам и на 100-тиот роденден, затоа што го сакам животот.
Секогаш во глава ми одѕвонуваат зборовите на мојата покојна баба која на крајот на својот живот во физички облик, со последните сили велеше:”Абе Бојанче, кој сака да си оди од овој убав свет!” Затоа што таа го сакаше животот, ги сакаше луѓето, не сакаше нас и ние ја обожававме неа.
Секогаш на мојот роденден си спомнувам за неа, можеби и затоа што сите кои ја имаа честа да ја запознаат неа и мене, велат дека сум нејзина крвна група. Секогаш кога ми го кажуваат тоа јас се топам, затоа што поубав комплимент не можам да добијам. Се викаше Добрила и беше олицетворение на добрината кај луѓето.
Затоа за мојот роденден ви подарувам на вас и на себе неколку од лекциите кои ги имам научено од неа.
- Секое лошо е за добро. Не се коси (не се секирај). И навистина е така. И лошото ќе помине. И убавото ќе помине. Животот е баланс.
- Кога си погрешила доблесно е да се извиниш. Не се обвинувај, но потруди се да ја научиш лекцијата од стореното. Најчесто го добивав овој совет кога ќе зезнев некоја работа кај моите родители (хаха). Вообичаено трчанката беше кај баба затоа што имаше разбирање за сите без осудување. Она ми беше медијаторот помеѓу мене и моите родители и беше ултра успешна во тоа. Ќе им речеше, криво и е погрешила, се извинува, не ја карајте. Потоа ќе ми речеше, не си била во право што си направила така, треба да се извиниш и да кажеш дека ти е жал. Ќе ме прекореше за да ме научи, но пред нив ќе ме одбранеше.
- Не им пропуштај роденден и убав настан на твоите роднини, пријатели и познаници. Буквално до последен ден си имаше тефтер во кој ги имаше запишано родендените и поважните датуми на децата и внуците, на колешките од работа, на пријателите. Во истиот тој тефтер беа запишани и нивните телефони, па не пропушташе да се јави да честита, да размени убави зборови и да испрати подарок. Не беше лесно подвижна па најчесто организацијата за достава на подароците беше оставена на нас (внуците).
- Не пропуштај ниту една можност во која ќе можеш да ги собереш најблиските за да поминеш квалитетно време во дружба и уживање.
- Никогаш не се запоставувај себеси. Иако никој посебно не и доаѓаше на гости, секогаш беше средена, ишишана и дотерана. Затоа што тоа го правеше за себе не за другите
- Готвеше беспрекорно добро и сакаше да го сподели своето знаење со нас. Не научи дека секогаш е добро да ги споделиме своите таленти со останатите и да имаме трпение со тие кои сакаат да научат нешто од нас.
За крај и на себе и на вас посаувам да имаме здравје за да можеме да си ги оствариме сите посакани желби и поставени цели, да можеме да уживаме во животот и во сите убавини кои ги носи. Да бидеме поемпатични и сочувствителни. Да се обидеме понекогаш да се ставиме во кожа на другиот и да се потрудиме да разбереме пред да осудиме. Да се обидеме секој ден да бидеме 1% подобри од претходниот во секој поглед. Да ги замениме лошите во добри навики. Да научиме да слушаме. И можам да пишувам до бескрај ама за денес е доволно. Да оставиме нешто и за 34-тиот роденден.
Love you all!
Бокица