Топ пет One Thing производи на мојата “wish” листа

One Thing cosmetics wish list

Кога ќе помислам на One Thing, помислувам на кул тонер шишенцата кои имаат специфичен изглед и изгледаат ултра привлечно. Ги следев како бренд, читав за нив, но никогаш немав прилика да пробам некој од нивните производи. Кога Elloxy.mk објави дека ќе бидат достапни во нивната онлајн продавница -  го направив тоа што го правам вообичаено за секој нов бренд кој ќе стане достапен на наш пазар – истражувам за најпродаваните производи од брендот, дали се за мојот тип и состојба на кожа во која во моментов се наоѓа како и што од нив вреди да го нарачам и испробам за да можам да ви пренесам впечатоци на вас. Секогаш сте ми одличен изговор за да пробувам нови производи, и за тоа сум ви неизмерно благодарна, хаха.

Филозофијата на One Thing

Корејскиот бренд за нега на кожа One Thing ги поедноставува формулациите на своите производи истакнувајќи една клучна состојка која и е потребна на кожата. Секој производ фокусот го става на различна состојка со што се овозможува да се третираат различни состојби на кожата и да се одговори на различни потреби на корисниците. Дополнително фокусот на една состојка овозможува да комбинирате повеќе различни производи со цел да си направите сопствена формулација која ќе биде специфично наменета за вашиот тип на кожа и состојба.

ONE THING Artemisia Capillaris Extract 150ml

ONE THING Artemisia Capillaris Extract 150ml

Прв производ кој го издвојувам од One Thing е тонерот со концентриран екстракт од Artemisia Capillaris, попознат како Mugwort екстракт. Ако ме следите веќе подолго време знаете дека производи со Mugwort ми се слаба точка затоа што докажано имаат одлично смирувачко дејство за мојата чувствителна, лесно иритирачка кожа. Овој тонер има улога да го овозможи токму тоа, да ја смири, хидрира, балансира и освежи кожата. Помага во намалување на црвенила и иритации, нуди антиоксидантна заштита, го подобрува тенот на кожата и го подобрува целокупниот изглед и состојба на кожната бариера. Може да се користи самостојно како тонер, да се додаде мала количина во омилениот крем или пак да се користи како таргетирана маска со тоа што може на туфер да се нанесе поголема количина на тонерот и да се држи 10-тина минути на таргетирани места на лицето на кои им треба дополнителна нега. Во шишенцето добивате 150 мл. производ. Во продолжение ви споделувам и линк од производот. По разгледаните рецензии забележав дека корисниците имаат убаво искуство, особено во делот на смирување на кожата од воспаленија и црвенила. Јас ја обожавам Mugwort есенцијата на I’m From, за оваа викаат дека е за нијанса потечна од таа на I’m From, така да дефинитивно ми е прв производ на листата од овој бренд кој со сигурност би го пробала.

ONE THING Houttuynia Cordata Extract 150ml

ONE THING Houttuynia Cordata Extract 150ml

Втор производ кој ми го привлече вниманието е тонерот со екстракт од билката Houttuynia Cordata или попозната како камелеон билка која, кога се користи во негата на кожата, за да и помогне во остранување на нечистотиите, да ги прочисти порите, смири воспаленија од акни и сл. Високата концентрација на амино киселини, масни киселини и полифеноли создаваат моќен антиоксидантен ефект. Прочитав дека може да се користи како тонер, но и за нега на скалп особено во улога на смирување и прочистување на скалпот, што е уште еден голем плус. Како и претходниот производ, мала количина од есенцијата може да се додаде во крема и на тој начин да се збогати кремата со ефектот кој го овозможува овој екстракт. Поради антибактериските и антивоспалителните својства помага во смирување на акните, спречува појава на нови акни. Затоа мислам дека супер би се вклопил во мојата рутина, а му давам плус затоа што има и намена на прочистување и нега на скалп. По разгледаните рецензии за овој производ забележувам дека најголем дел се задоволни од високото ниво на хидратација кое и го дава на кожата. Како втора најчеста придобивка ја забележувам улогата на смирување на кожата од воспаленија и болни акни. Истакнати се и придобивки како подобрување на текстура на кожа, намалување на лузни од акни и сл. По прочитаното дефинитивно овој производ ми е втор на листа на пробување. Повелете и директен линк до производот ако сакате дополнително да си прочитате што увозникот има напишано за него.

Пред да преминам на следниот производ, забележав дека во понудата имаат и серум со оваа состојка кој покрај овој екстракт содржи и 8 типови на хијалуронска киселина, што дефинитивно укажува на тоа дека ќе даде одличен буст на хидратација на кожата. Ако сте повеќе по користење на серуми наместо тонери, тогаш можете да го ѕирнете и овој производ. Линк можете да најдете тука.  Плус има 80 мл. производ што е одлично.

ONE THING Tangerine Serum 80ml

ONE THING Tangerine Serum 80ml

Трет производ кој ми фати око е серумот од мандарина Jeju. Од недоамна во мојата рутина го користам SOME BY MI Yuja Niacin 30 Days Blemish Care Serum, така да овој серум би почекал малку за пробување затоа што по намена и состав многу ме потсеќа на него. Серумот на One Thing е наменет за избелување и изедначување на тенот на кожата, содржи високо концентрирани активни состојки – екстракт од мандарина Jeju, екстрахиран од природна сурова кора од мандарина Јеју. Содржи и 8 типови на хијалуронска киселина кои со сигурност ќе го зголемат нивото на хидратација на кожата. Ниацинамидот во составот ќе допринесе до избледување на флеките, осветлување и зајакнување на кожата. Повеќе за него можете да си прочитате тука.

ONE THING Centella Soothing Cream 100ml

ONE THING Centella Soothing Cream 100ml

Како четврт производ, да прошарам малку, би ја издвоила оваа крема со ЦИКА екстракт. ЦИКА обожавам, наменета е за смирување на кожата (мислам дека веќе забележувате шема, смирување, хидратација и избледување на флеки се моите проблематични состојби кои ги третирам со мојата рутина па затоа и на листа на пробување секогаш ми се наоѓаат тие типови на производи), намалување на црвенила, заздравување на акни и лузни од акни и сл. Покрај ЦИКА во составот има и бета глукан, кој ќе обезбеди навлажнување и хидратација на кожата. Од прочитаните коментари забележувам дека станува збор за лесно апсорбирачка крема која овозможува висока хидратација, смирување на кожата, подобрување на нејзината еластичност и цврстина. Ја издвојувам како крема која би ја пробала затоа што ми изгледа одлична за потоплиот период кој доаѓа. Во моментот имам повеќе побогати креми кои ги ротирам, така да оваа ќе причека некои потопли месеци, но дефинитивно ја имам на мојот радар. Во продолжение ви споделувам линк, клик тука за да прочиташ нешто плус.

ONE THING Organic Oil Lip Essence 13g

ONE THING Organic Oil Lip Essence 13g

Како последен производ кој го издвојувам на листата на посакувани производи од овој бренд е есенцијата за усни богата со масла како масло од семе од јојоба, маслиново масло и масло од арган. Наменет е да овозможи длабинска хидратација и нега на усните, да ги измазни и да ги направи меки и нахранети. Прочитав само позитивни рецензии, производи за нега на усни обожавам, ги трошам и користам секојдневно, па мислам дека би ми бил оправдан трошок, хаха. За директен линк до производот клик тука.

За кои од овие производи ќе се одлучам ќе ви споделам кога ќе ми пристигнат. Понудата е убава и навистина има можност да се најде соодветен производ кој би можел да придонесе до таргетирана нега на она што сакате да го третирате. Ми се допаѓа тоа што производите се фокусираат на една клучна состојка која е застапена во најголема концентрација во производот, во количина која би била соодветна за секојдневна употреба. Доколку знаете дека некоја од состојките кои се дел од производите ви прија и ја сакате (како што е тоа случајот со мене и mugwort, ниацинамид, ЦИКА и сл.) тогаш многу лесно ќе можете да се одлучите за некој од понудените производи. Ако сакате да третирате хиперпигментации, изедначување на тен, да ја подобрите хидратацијата на кожата и да придонесете до намалени иритации и црвенила, тогаш оваа листа на предлози може дефинитивно да ви помогне при изборот. Она што е важно е секогаш да тргнете од моменталната состојба на вашата кожа и од она што во моментот и е потребно за да се одржи/врати балансот. Тука ќе ви оставам директно линкче до elloxy.mk каде ќе можете да прочитате нешто повеќе за брендот и за производите кои за почеток ќе бидат достапни од брендот.

Инаку, мала напомена, вака некако изгледа мојот процес секогаш кога ќе ме заинтригира некој бренд. Прво гледам што брендот има во понуда, што од производите во моментот би биле соодветни за состојбата во која се наоѓа мојата кожа, истражувам состав, читам рецензии, споредувам, проверувам дали имам нешто слично во моето skin care катче и потоа се одлучувам дали во моментот имам потреба за некој од производите. Затоа и многу често не правам грешки при изборот, едноставно си ја познавам кожата и веќе имам научено кои состојки ми пријаат во кои периоди и сл. Па затоа си реков, кога веќе тоа го правам за овој бренд, ќе ви споделам и на вас која е мојата почетна листа на посакувани производи од One Thing. Баш би сакала да прочитам која би била вашата. Мој блог, мои правила, хаха. Планирам вака да ви споделувам секогаш кога си правам анализи за некои нови производи, не секогаш мора да се од ист бренд или пак достапни кај нас на пазар. Супер би било доколку споделите дали ваквиот тип на постови би ви биле корисни.

А, да...Нека стои тука едно потстетување и порака од мене до мене...

Враќај се на блогирање! Не плаќај хостинг за џабе. Пишувај што ти сака, дневник ако сакаш пишувај. Само не заборавај дека ова си го почнала баш поради желбата за пишување и дај веќе почни да ги правиш работите кои те исполнуваат. Има време и за завршни сметки и за Ведран и за се, хаха.

Ај сега чао.

Се читаме наскоро, ако се држам до ова што го напишав погоре, хаха.

Имајте најубав викенд.

Ве сака,

Бокица

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top