Десет чекори до убаво негувани нокти и совршен маникир | Blogmas day 7

Steps to perfect manicure

Во последните 10 години редовно ги средував ноктите кај професионалец. Без прекин секој месец нанесував гел на нокти и ми беа заштитен знак. Тоа ми беше наједноставно решение за да имам секогаш средени нокти. Но, во март месец кога се затвори се поради пандемијата, бев приморана да почнам да ги средувам ноктите сама дома. Прв предизвик беше безболно да го отстранам гелот од ноктите во домашни услови. За таа цел на You tube ќе најдете бројни видеа, но она што за мене беше најлесно е со помош на машинката за маникир/педикир да го истругам горниот слој на гелот и бојата. Оставив еден мал слој на површината на ноктот за да го заштити мојот природен нокт, затоа што природно е после 10-годишно нанесување на гел природните нокти да бидат малку истенчени. Доколку немате машинка истото можете да го направите со турпија којашто е малку погруба за да можете полесно да го истругате гелот. Во секој случај мора да бидете многу претпазливи за да не го истругате и вашиот нокт. Откако успешно го отстранив гелот експериментирав многу во поглед на тоа како најдолго би ми траел маникирот којшто ќе го правам во домашни услови, па чекорите коишто ќе ви ги споделам во продолжение се оние коишто одлично функционираат за мене и ми овозможуваат да имам убаво средени нокти 7 до 10 дена, без да имам потреба од поправка на лакот.

1 чекор - Остранете го лакот од вашите нокти

Секогаш мојата рутина за нега на нокти ја започнувам со чисти нокти, па затоа потребно е доколку имате нанесено лак истиот да се острани со помош на отстранувач на лак. Има голем избор на отстранувачи на пазарот, но она што јас би ви препорачала е да користите отстранувачи на лак коишто се без ацетон и се со негувачки состојки во својот состав. Отстранувачите на Balea се моите омилени, имаат убав мирис, лесно го вадат лакот и се со пристојна цена.

Ebelin acetonfrei

2 чекор - Скратете ја должината на ноктите и оформете ги

Најчесто должината на ноктите ја кратам со помош на турпија. Секако дека на располагање имате и ноктарица доколку ви е полесно на тој начин да ги кратите ноктите. Јас ноктарица користам во моментите кога ноктите ми се веќе многу пораснати, но доколку треба да скратам мал дел од ноктот турпијата ми е сосема доволна. Оваа црна турпија на Ebelin има две страни коишто се со различна грубост, едната страна е наменета за кратење на ноктите, а другата за креирање на саканата форма на ноктите. На пазарот имате многу турпии на располагање за многу намени, ако не сте сигурни која точно да ја изберете, секогаш можете да се одлучите за повеќенаменски турпии коишто се вообичаено 6 во 1, односно имате 6 страни на турпијата коишто се наменети за кратење, обликување, измазнување и полирање на ноктите. Црвената турпија на сликата е наменета за израмнување на нерамнините на ноктот и за полирање. Така да откако ќе ја направам посакуваната форма и должина на ноктот преминувам на израмнување на површината на ноктот. Површината на ноктот ја турпијам секогаш кога ќе увидам дека имам потреба од измазнување на површината. Не треба да претерувате за да не го истенчите ноктот. Најчесто површината на ноктот ја поминувам лесно со buffer турпија само со цел да ги отстранам маснотиите од површината за да може лакот да трае подолго нанесен на ноктите. Секогаш кога турпијате треба да турпијате само во еден правец, не е препорачливо да се турпија напред-назад затоа што може да дојде до оштетување и кршење на ноктите.

Ebelin турпии за нокти

3 чекор - Направете нежен пилинг на дланките

Сега е време да посветиме малку внимание и нега на дланките. Еднаш на 7 до 10 дена практикувам да направам нежен пилинг на површинскиот слој од кожата на дланките. Го обожавам мазното чувство на допир коешто се добива по правењето на пилингот. Имајте предвид дека кожата на дланките е доста нежна па затоа и треба да правите пилинг којшто не е агресивен.

4 чекор - Хидрирајте, хидрирајте, хидрирајте!

Негата и хидратацијата на дланките е неопходна преку целата година, но особено во ладните зимски месеци. Имајќи го предвид и секојдневното зачестено миење на рацете и користење на средства за дезинфекција, дланките па и ноктите особено страдаат. Затоа сега е моментот во подебел слој да нанесете маска којашто е наменета за нега на оваа област. Парафинската маска на Авон е мојот избор за овој чекор од рутината. Се нанесува во подебел слој на дланките и се измива по 5 до 10 минути од нанесувањето. Доколку немате посебна маска наменета за дланки можете да ја нанесете важата омилена хранлива крема во подебел слој и да почекате да се впие во кожата. Крем во подебел слој можете да нанесувате и секоја вечер пред легнување, со цел да овозможите нега на дланките во текот на ноќта.

Avon нега за нокти

5 чекор - Посветете им посебна нега на кутикулите

Негувани и средени кутикули играат голема улога во изгледот на негувани нокти и дланки. Кутикулите се тука за да го заштитат ноктот, па затоа истите не треба да се сечат туку само да се отстранува вишокот на мртва кожа околу ноктот. За таа цел го користам отстранувачот на кутикули од  Essence. Овој производ се нанесува по ивицата на плочката на ноктот, геластата формула за неколку секунди ги омекнува кутикулите и многу лесно се отстранува вишокот на кожа со помош на дрвено стапче. Претпочитам да користам дрвени стапчиња за буткање на кутикулите затоа што се понежни за ноктите и се намалува можноста за нивно оштетување. Ги купувам од Авон.

6 чекор - Негувајте ја плочката на ноктот и кутикулите со нанесување на масло

По отстранувањето на вишокот на мртва кожа околу ноктот преминувам на хидрирање и нега на плочката на ноктот и кутикулите. Маслата наменети за нега на нокти се правилниот избор за овој чекор, затоа што ќе ја вратат изгубената влага на ноктите, длабинки ќе ги нахранат и ќе придонесат до нивен побрз раст. Јас го користам маслото на Golden Rose, го нанесувам по должина на целата плочка, го оставам да делува некоја минутка па го масирам дополнително на целиот нокт и кутикулите. Вакви масла имате голем избор на нашиот пазар, за кое и да се одлучите верувам дека ќе ја постигнете целта. Многу често знам да оставам барем еден час да постои маслото на ноктите за да има време убаво да се впие и длабински да ги понегува ноктите и кутикулите. Доколку немате многи време за чекање, многу е важно да го измиете вишокот масло од површината на ноктот, за да можете успешно да продолжите со лакирање на ноктите.  Некогаш можете да поминете и со buffer турпија со цел да се осигурате дека сте ги отстраниле површинските масни наслаги од ноктот.

Нега на кутикули

7 чекор - Нанесете базен слој на лак за нокти

Базниот слој е многу важен прв чекор во нанесување на лакот. Базниот лак најчесто е збогатен со хранливи витамини и зацврстувачи коишто го штитат ноктот од листање, пожолтување и го продолжуваат времето на носење на лакот. Избор имате голем, останува на вас да пробувате и да видите кој ќе биде најсоодветен за вашите потреби и состојбата во којашто се наоѓаат вашите нокти. Мојот најчест избор е Black diamond базниот лак на Golden Rose затоа што им дава убава цврстина на моите нокти и е одлична база за лакот, не се собира, не прави топчиња и убаво ја измазнува површината на ноктот. Ги имам пробано и останатите бази на Golden Rose и сите ми се допаѓаат, така да за која и да се одлучите нема да погрешите.

Golden Rose Black diamond лак за нокти

8 чекор - Нанесете два слоја од лакот за нокти

Продолжувам со нанесување на два слоја од лакот за нокти којшто е мој избор за тој ден. Дефинитивно омилена линија на лакови за нокти ми е  Gel Shine линијата на Avon. Имаат преубав избор на нијанси, многу се пигментирани, брзо се сушат, даваат гел ефект на ноктите и прилично долго траат. Друга линија на лакови од Avon која што ми се допаѓа е 60 seconds Pro линијата, којашто се суши за 60 секунди. Преубави лакови се и лаковите на Golden Rose, особено Ice Chick линијата. Оваа линија има огромен избор на нијанси, кремасти, седефасти, металик, светкави, неон, nude, за секого по нешто. Вообичаено имаат одлична пигментација (сепак зависи од нијанса до нијанса) и долго траат на ноктите.

Avon gel shine лак за нокти

9 чекор - Секогаш завршете со top coat односно завршен слој

Нанесувањето на top coat дефинитивно прави разлика. И тука има различни опции, завшрни слоеви со гел ефект, за брзо сушење на лакот, за мат ефект и сл. Мојот омилен top coat во моментот е на Essence Extreme Gel top coat. Овој завршен лак има малку густа текстура којашто и покрај густината лесно се нанесува на ноктот, не се прават грутки и многу брзо се суши на ноктите па можностите да го уништите маникирот е сведен на минимум. Дава одредена цврстина на ноктот и прави да изгледа како на него да сте нанеле гел лак, а не обичен лак. Го продолжува траењето на лакот и го штити од пукање, лупење и гребење. Уште еден top coat којшто многу ми се допаѓа е на Eveline x treme gel effect top coat. За разлика од тој на Essence, овој е потечен, исто така дава убав сјај и го заштитува и продолжува носењето на лакот на ноктите.

Essence top coat

10 чекор - Спреј за брзо сушење на лакот за нокти

Спрејот за брзо сушење на лакот за нокти за мене беше откритие годинава. Омилен ми е на Golden Rose Nail Color Quick Dryer Spray со масло од сладок бадем и грозје. Откако ќе се нанесе завршниот слој на лак се чека неколку минути и потоа се прскаат ноктите со овој спреј. Спрејот ќе остави тенок маслен филм којшто по неколку минути можете да го вмасирате на прстите и кутикулите. Овој производ не само што го суши лакот за секунди, туку и ги негува кутикулите. Сличен ваков спреј има и во понудата на Авон и е подеднакво ефикасен.

Golden rose quick dryer spray

Која е вашата рутина за нега на нокти и кои се омилените ваши производи?

Ве гушкам,

Бојана

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top