Зошто книгата “Атомски навики” менува животи? | Blogmas day 11

Атомски навики 2

Здраво дечки,

Нов ден, нов блогмас пост. Дете спие, ручек направен, украдов малку мир за да седнам и да го напишам овој пост. По 10 дена пишување за нега на кожа, имав потреба и јас, а верувам и вие, да направам мала промена и да пишувам за нешто што не е козметика и шминка. И нормално, која е третата работа која го обзема моето секојдневие и е дел од мојот идентитет? Па, читањето книги се разбира. Кој ме следи подолго време знае дека обожавам да читам книги уште од малечка, тој транс кој се доживува со секоја прочитана страница не се заменува со ниту едно друго задоволство. Одамна сакав да објавам пост за оваа книга, но ете сега и дојде редот.

Станува збор за „Атомски навики“ (Atomic habits) на James Clear. Ја прочитав можеби пред скоро година дена, препорака ми беше од блиска пријателка и морам да признаам дека НЕ МЕ РАЗОЧАРА. Авторот пишува на начин на кој ве инспирира и мотивира да почнете со работа на промените и формирањето на новите навики веднаш. Несвесно се фаќам на моменти како го анализирам моето однесување и се препознавам во дел од шемите и процесите кои James ги изнесува во својата книга. Затоа денес ќе ви пишувам што е она што ми остави впечаток од книгата и кои сè животни лекции ги научив за процесот на формирање на добри навики и менувањето на лошите навики.

1. Навиките се акумулираната камата на сопствениот напредок.

Ефектите на нашите навики се множат со нивно повторување. Да се стане еден процент подобар секој ден на долг рок значи многу. Малите победи секој ден можеби не значат ништо, дури и не се ни забележуваат, но ако гледаме на период од две, три, пет години носат огромен ефект. Значењето на овој концепт можеби е малку тешко да се препознае во нашето секојдневие затоа што сме навикнати на моментални резултати и признанија. Најчесто не им обрнуваме внимание на малите промени затоа што во моментот ни изгледаат безначајни. Но, 10 минутната прошетка низ маало или 5-те прочитани страници книга секој ден, ќе ни изгледа како да не се доволни и да не вредат, но по некое време нивниот ефект се забележува, затоа што таа активност, повторувајќи ја секојдневно ја врзуваме со нашиот идентитет и не претставува тешкотија, напротив станува дел од нашето секојдневие. (Но за идентитетот ќе зборувам подоцна). Оттука доаѓаме и до терминот атомски навики – мали навики кои се дел од поголем систем, како што атомите се тули за молекулите, така атомските навики се тули за видливи резултати.

2. Постојат три нивоа на кои може да се случи одредена промена и тоа во вашите исходи, процеси и идентитет.

Првото ниво е промена во вашите исходи (резултати) кои сакате да ги достегнете (намалување на тежина, трчање на маратон, објавување на книга)

Второто ниво е промена во вашите процеси односно системите со кои ги достигнувате резултатите како воспоставување на нова рутина, нов распоред на тренирање и сл.

Третото ниво е промена во нашиот идентитет односно менување на нашите верувања, вредности, себепроекција и сл.

Повеќето од нас ги формираме нашите навики фокусирајќи се на резултатите кои сакаме да ги постигнеме, но поефективен начин е да се фокусираме не на тоа што сакаме да постигнеме туку на тоа кој сакаме да  постанеме. Кога ќе го промените ставот кон себе тогаш знаеме дека сме на правиот пат, затоа што вистинската промена во навиките е всушност промената на идентитетот. Иако би започнале една навика од мотивација (сакам да истрчам маратон), единствен начин таа да стане дел од нашата рутина е ако постане дел од нашиот идентитет (јас сум тркач). Едно е да се каже “јас сум човек што го сака ова” а сосема друго е да се каже “јас сум тип на човек што го прави ова”. Добар пример во книгата беше дека на човек кој се откажува од цигари, кога ќе му понудиш цигара наместо да ти одговори со “Не благодарам, се обидувам да се откажам од цигарите” тој ви вели “Не благодарам, не пушам”. Има мала, но значајна разлика во двата искази- не се работи за тоа што се трудите/не се трудите да направите туку се работи за тоа кој сакате да постанете.

Овој дел ме погоди затоа што станува збор за едноставна, но ефективна промена на “мајндсетот” и може да се примени во речиси секоја ситуација.

Атомски навики

3. Секоја навика може да се подели во повторувачки циклус што содржи четири чекори: индикација, копнеж, одговор и награда.

Индикацијата предизвикува желба, која мотивира одговор, за да добие награда која ја задоволува желбата, а е асоцирана со индикацијата. Овој процес би изгледал некако вака:

Индикација: Се соочувате со некоја пречка на проект на работа

Копнеж: Се чувствувате безизлезно и сакате да се ослободите од фрустрацијата

Одговор: Го земате телефонот и листате по социјалните медиуми

Награда: Го задоволувате копнежот за ослободување од фрустрацијата, па така листањето на социјалните медиуми се врзува со чувството на безизлесност/пречки кои се јавуваат на работа.

Дополнително тука се наведуваат и четирите правила за промена на однесувањето и на формирањето на добрите навики и менувањето на лошите навики. Таа рамка би изгледала некако вака:

Правило бр.1 (индикација) – Нека биде видливо (или невидливо за лоши навики)

Правило бр. 2 (копнеж) – Нека биде привлечно (непривлечно)

Правило бр. 3 (одговор) – Нека биде лесно (тешко)

Правило бр. 4 (награда) -  Нека биде задоволувачко (незадоволувачко)

Некогаш некоја навика може да биде тешка да се запомни, затоа мора да ја направиме очигледна (видлива). Во други случаи нема ни да ви дојде желба за промена, затоа треба да ја направите привлечна. Во повеќето случаи можеме да ја гледаме навиката како тешка, затоа треба да ја подноставиме. И некогаш нема да сакаме да се држиме до новата навика, затоа мора да ја направиме да биде задоволувачка.

Нашите навики се обликувани од системите во нашиот живот. Навиката е однесување што е повторувано доволно пати за да стане автоматско. Крајната цел на навиката е да ги решава животните проблеми со што помалку енергија и труд. Во следните поглавја од книгата  авторот ги објаснува горенаведените правила каде покажува како може да се користат за да се создадат системи во кои добрите навики ќе растат, а лошите навики ќе овенат и исчезнат.

Атомски навики 1

Пред да го заокружам овој пост ќе ви оставам уште неколку совети за тоа како полесно и побрзо да отпочнете со промена и воведување на нови, добри навики.

  1. Околината е клучна. Сакате да јадете повеќе овошје? Ставете го во чинија и нека стои на шанкот или масата (направете го видливо). Сакате да вежбате веднаш штом станете наутро? Поставете ја подлогата за вежбање до вашиот кревет и имајте ја спремено на дофат опремата за вежбање (навиката сте ја направиле видлива и сте ја поедноставиле). Сакате да престанете со грицкање по дома? Не чувајте чипсови и грицки (ги правите невидливи). Мислам дека полека ја разбирате поентата нели?
  2. Секогаш кога започнувате со практикување на нова навика гледајте да не зафаќа повеќе од 2 минути од вашето време. На новата навика не треба да се гледа како на предизвик. Наместо да се воспостави совршената навика на почеток, започнете со тоа што е полесно, да можете да бидете конзистентни на дневна база.
  3. Кога воспоставувате нова навика, не ги поставувајте вашите таргети и цели нереално високи. Започни постепено и дозволи и на навиката да постане дел од секојдневието. Со тек на време надградувај ја, на тој начин ќе се одржи и мотивацијата.

Како што можете да видите, јас ви загребав малку од површината на оваа книга, а веќе споделив доста мудрост и совети за воспоставување и менување на навиките. Книгата изобилува со информации, тактики и примери и мислам дека би била одличен додаток во вашата колекција на книги. Можете да ја купите од продажното место на Антолог како и од нивната е-продавница. За директен линк до книгата клик тука.

Се надевам дека уживавте во овој пост.

Се читаме утре.

Ве сака,

Бојана

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top