Bell HypoAllergenic Hemp seed oil & extract line | Review

Bell HypoAllergenic Nude & Moist

Кога ќе споменам Bell  и нивната Hypoallergenic линија на производи прва асоцијација ми се нивните течни пудри. Ги имам пробано речиси сите во нивната понуда и без грижа на совест кажувам дека сите до една ми се имаат погодено. Дел ми се посоодветни за секојдневно носење, дел за вечерно, дел и за двете. Секако дека си имам омилени, меѓу кои е и Nude & Moist пудрата со екстракт од коноп. Од истата линија ги тестирав и базата за шминка и маскарата за трепки и можам да кажам дека исто така не ме разочараа. Во продолжение ќе ви ги споделам моите впечатоци за секој од нив.

Bell HYPOAllergenic Nude & Moist течна пудра

Bell HYPOAllergenic Nude & Moist течна пудра – Има хидратантна и негувачка хипоалерегена формула, која нуди средна до висока покривност, природен удобен изглед и чувство на кожата. Кога ќе се истисне од пумпицата делува густо, но како ќе почне да се нанесува на кожата во контакт со нејзината топлина, се претвора во лесна речиси геласта текстура која дури и ме потсеќа на убав хидратантен серум. Мала количина оди на долги стази, на прв впечаток ќе си мислите дека една до две пумпици не би биле доволни, но за брзо ќе забележите дека преубаво се разнесува на лицето и има висока пигментација која може да се развлекува на цело лице. Начинот на нанесување е одличен и со сунѓерче и со четка, па дури и со прсти. Со четка дефинитивно се добива највисока покривност.

Bell HypoAllergenic Nude & Moist foundation

Формула и трајност на носење

Што се однесува до формулата, составот и е одличен затоа што содржи природен бетаин, екстракт од семе од коноп како и останати витамини, минерали и антиоксиданси кои обезбедуваат хидратација и ја подобруваат еластичноста на кожата. Дополнитeлно штити од сина светлина, па зошто да не се истакне како уште една предност на оваа пудра. Кожата ја прави свиленкаво мазна, не потенцира текстура, баш напротив ја прикрива. Имам забележано дека и по 8 часа носење и тоа под маска одлично се држи, и што мене ми е најважно не се осеќа тешко на лицето. Дава убав свеж изглед, лицето не изгледа масно, но изгледа здраво, како да сте пиеле 3 л. вода во текот на денот, хехе.

Bell HYPOAllergenic Anti-Smog Primer

Bell HYPOAllergenic Anti-Smog Primer – многу убава хипоалергена, хидратантна база за шминка. Во својот состав вклучува состојки како екстракт од семе од коноп, сок од листови од алое вера кои интензивно ја навлажнуваат кожата, ја подобруваат нејзината цврстина па придонесуваат и во борбата против стареење. Дополнително содржи екстракт од морски алги кој е богат со минерали и создава убава бариера на кожата со која ја штити од загадување и останати штетни надворешни влијанија. Создава преубава мазна база на лицето, каде пудрата лесно легнува на неа. Дефинитивно помага во долготрајноста и удобното носење на пудрата, како и на цела шминка која е нанесена на лицето. Погодна е и за користење кај чувствителна кожа склона кон иритации. Ја имам пробано и со други пудри, не само со пудрата од истата линија и можам да го потврдам убавиот ефект кој го дава секој пат кога ќе ја нанесам. Треба да имате превид дека станува збор за хидратантна база па доколку имате екстремно масна кожа можеби не би била идеален избор за вас, но доколку сепак го сакате оној здрав сјај на кожата тогаш можете да се одлучите и за неа, само спремете се дека можеби во текот на денот ќе имате потреба од упивање на вишокот на себум.

Bell HYPOAllergenic Anti-Smog Primer

Bell HYPOAllergenic Great Lashes regenerist mascara

Bell HYPOAllergenic Great Lashes regenerist mascara – Оваа маскара ме освои од прва. Обожавам маскари со силиконски ситни четки, а оваа ја има совршената за мене и моите ситни очи. Не е одлична само четката туку и формулата на маскарата, која е збогатена со масло од семе од коноп, пантенол, оризов восок, рицинусово масло и маслиново масло. Им дава должина, волумен и ги витка трепките, 100 во еден маскара, хаха. Не, шала на страна, премногу ми се допаѓа, веќе ми е при крај и сигурно ќе ја купам пак да ја имам во мојата колекција. Не се пресликува, лесно се вади. Чиста 10-ка!

Bell HYPOAllergenic Great Lashes regenerist mascara

За крај:

Имате целосна препорака од мене да ги пробате овие производи. Пудрата би рекла дека е супер за сите типови на кожа, ако сте личност која од пудрата бара покривност, природен изглед и формула која ќе биде долготрајна и нема да тежи во текот на денот.

Базата е соодветна за сите типови на кожа освен за многу масна кожа, затоа што е ултра хидратантна. Нејзината намена е да ја припреми убаво кожата и да направи една бариера помеѓу неа и пудрата. Не е тип на прајмер што би ги пополнил порите, но сепак убаво ја измазнува кожата.

Маскарата има силиконска четка. Ако сакате издолжување, убав волумен и виткање на трепките тогаш оваа маскара ќе биде вашиот правилен избор.

Бонус плус е што сите производи можете да си ги нарачате онлајн на страната www.dekorativaklasik.mk и да ги добиете за брзо време на домашна адреса. Испораката е бесплатна над 600 ден. Ако не сте по онлајн купувањето тогаш истите производи можете да ги пронајдете во Cosmo Tinex.

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top