Aloe BHA skin toner Benton | Blogmas day 2

Aloe BHA toner Benton

Aloe BHA Skin toner - основна намена

Не ми се верува како порано сум имала рутина без употреба на тонер. Кога мислам на тонер мислам на оној хидратантен тонер којшто го пие мојата кожа одма по нанесување. Не мора да значи дека случајот кај сите е таков, но кај мене е баш така, најверојатно затоа што и покрај тоа што имам комбинирана кожа со масна т-зона ,истата ми е значително дехидрирана. Хидратантните тонери ми овозможуваат да се почувствувам инстантно хидрирано и освежено особено наутро.

Денес ќе ви пишувам за тонер којшто покрај тоа што е хидратантен, истиот е и средно киселкаст и прави блага ексфолијација на кожата. Станува збор за Benton Aloe BHA Skin toner. Овој тонер е наменет за олеснување/подобрување на следните состојби во коишто може да се најде кожата:

  • Кожа на која и е потребна нежна ексфолијација;
  • Сува кожа на којашто и е потребна дополнителна хидратација;
  • Чешање предизвикано од сувост и иритиации;
  • Кожа на којашто и е потребен освежувачки тонер којшто не е е масен и тежок на кожата;
  • Уморна кожа на којашто и е потребно освежување;
  • Изгубен баланс на кожата помеѓу водата и мастите;
  • Кожа којашто е чувствителна на хемиски состојки.
Benton Aloe BHA skin toner

Водата од лист на алое е збогатена со состојки како хијалуронска киселина, BHA, филтрат од слуз од полжав, глицерин, бета глукан и др. Самиот состав укажува на тоа дека станува збор за тонер којшто на кожата ќе и овозможи соодветна нега, хидратација и подобрување на нејзинта еластичност.

Благодарение на 0.5 % салицилна киселина во составот делува на кожата така што прави нежна ексфолиjација на мртвите клетки од површинскиот слој на кожата и во намалување на појава на црнките. Дополнително помага во контролирано лачење на себум и во смирување на акните. Малиот процент на BHA го прави тонерот погоден за секојдневна употреба, доколку се вклопува на тој начин во вашата рутина.

Има средно киселкаста формула којашто е погодна за користење и кај осетлив тип на кожа. Одличен е за сите оние кои што сакаат да вклучат тонер со BHA киселина, а се плашат од можни иритации од користење на истата.

Како јас го користам?

Го користам најчесто наутро по миење на лицето, го нанесувам со тапкање на лицето, во два слоја. Ми се допаѓа дека не е претежок на лицето, а сепак дава пристојна хидратација.

Допринесува до помало мастење на кожата во текот на денот. Го користам од летото со прекини, ми се допаѓа како лицето ми изгледа поосвежено и сјајно (не масно туку со здрав сјај) откако ќе го нанесам. Не очекувајте дека ќе направи некои драстични промени на вашето лице, она што треба да го очекувате од овој тонер е со тек на време да го подобри балансот на вашата кожа како и изгледот и текстурата на кожата. Не го суши и иритира лицето. Одлично делува на моето лице и дефинитивно би продолжила и во иднина да го користам.

Какво дејство имаат дел од состојките на овој тонер

Во продолжение на кратко ќе го опишам дејството на главните состојки во овој тонер:

Алое вера -  содржи ензими, антиоксиданти, витамини А и Ц коишто третираат и смируваат изгореници, сува кожа, акни, псоријаза и други состојби со кои се соочува кожата. Погодна е за користење кај сите типови на кожа.

Хијалуронска киселина - одлична состојка за хидратација на кожата. Човечкото тело ја има хијалуронската киселина во телото, како старее нејзината количина се намалува. Таа работи како магнет затоа што има способност да привлече вода до 1000 пати повеќе од својата тежина. На овој начин оваа киселина помага да се одржува нивото на влага во кожата.

Филтрат од слуз од полжав – нуди многу придобивки на кожата меѓу кои избледување на лузни од акни, намалување на бори, избледување на стрии, побрзо зараснување на рани и изгореници, како и подобрување на целокупната состојба на кожата.

Салицилна киселина -  бета хидроксилна киселина, растворлива во вода. Помага во прочистување на порите и намалување на појава на црнки. Прави хемиска ексфолијација на кожата со тоа што ги отстранува мртвите клетки од површинскиот слој на кожата. Го регулира и лачењето на себум на кожата.

Глицерин – хумектант којшто помага на кожата да ја задржи влагата и хидратацијата, ја освежува површината на кожата и го спречува нејзиното исушување. Исто така има антимикробно дејство со што ја штити кожата од штетни микроорганизми.

Бета глукан – ја штити и ја смирува иритирината кожа. Исто така има ефект против стареење со тоа што ја спречува појавата на бори и помага во пополнување на постоечките бори и фини линии.

Дали сте го пробале овој тонер? Споделете со мене кој е омилениот тонер во вашата рутина?

П.С. Тонерот е купен од Олпео, коишто имаат продавница во ГТЦ и е-продавница. Супер е фактот што од голем број на Benton производи имаат мини верзии, па пред да се одлужите за full size  пакување можете да го испробате производот во мини пакување, како што го направив тоа и јас.

Ве гушкам,

Бојана

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top