Нега на кожа за време на бременост | Blogmas day 16

бременост

Производите  за нега на кожа коишто се дозволени да се користат за време на бременост може да се разликуваат од оние коишто сме навикнати да ги користиме во нашата секојдневна рутина. Ноќната крема којашто ја користиме или средството за сушење на акни може да содржи состојки коишто е докажано дека не треба да се користат за време на бременоста. Затоа и сакав да го напишам овој пост да биде еден вид на водич за тоа кои состојки и производи треба да ги избегнувате овој период. Едно е сигурно, на располагање има голем број на убави состојки коишто можат да придонесат до одржување на убава и негувана кожа дури и за време на овој некогаш стресен и хормонален период. Најголемата грешка што многумина ја прават е да се откажат од сите производи коишто ги користат само затоа што немаат доволно информации за тоа што е безбедно да се користи. Затоа, читајте, истражувајте и негувајте се соодветно и за време на бременоста.

Уште на почетокот сакам да нагласам дека сите споделени информации се добиени од страна на мои лични истражувања и читање коешто го направив за време на мојата бременост, не сум лекар нити специјалист за оваа тема. Секогаш кога имате дилеми за користење на некој производ или состојка консултирајте се со професионалец, особено кога станува збор за периодите на бременоста и доењето.

Па да започнеме.

Состојки коишто треба да се избегнуваат за време на бременост

Иако кожата претставува еден вид на бариера за тоа што се може да навлезе во нашиот организам, сепак не е 100% непропустлива. Поради тоа треба да се има свесност за тоа какви производи користиме и кои состојки ги нанесуваме на дневно ниво. Точни податоци за безбедно користење на голем дел од овие состојки и не би можеле да имаме, затоа што би било ризично и неетички да се тестира на бремени жени и доилки. Затоа ќе се прават едуцирано претпоставки од податоците коишто  се веќе достапни и ги имаме на располагање.

  1. Крем со заштитен фактор со хемиски филтри

Ќе започнеме со кремата којашто ја нанесуваме секое утро, а тоа е кремата со заштитен фактор. Се препорачува да се избегнуваат креми со хемиски филтри затоа што се пронајдени во крвотокот. Затоа е посигурно, особено за време на бременоста и доењето, да се држиме до кремите со физички/минерален заштитен фактор којшто ја штити кожата од штетните сончеви зраци седејќи на површината на кожатa.

2. Ретиноиди

Ретин А/Акутан, Ретиноиди, Витамин А не треба да се користат за време на бременост и доење. Акутанот е поврзан со студии каде што е докажано дека може да доведе до дефекти при раѓање. Лекарите дури и не го препишуваат на жени коишто планираат или се обидуваат да забременат. Додека Ретин А и другите ретиноиди коишто се во слободна продажба не се цврсто поврзани со дефекти при раѓање, сепак спаѓаат во иста класа на лекови и треба да се избегнуваат. Од таа причина се препорачува целосно да се исфрлат од употреба и ретиноидите коишто се за топична употреба. Бета каротенот е дериватив на витамин А но се смета дека е безбеден за употреба. Исто така и маслото од шипка во својот состав има висока концентрација на витамин А, но според повеќето професионалци се смета дека е безбедно за употреба во бременост. Бакучиол е состојка којашто ја сметаат дека е природна алтернатива на ретиноидот и дека го дава истиот ефект како ретиноидите. Имајте предвид дека сеуште оваа состојка не е доволно истражена, па пред да се одлучите да ја користите размислете дали е толку неопходна во вашата рутина.

3. Алфа и бета хидрокси киселини (AHA/BHA)

Од малична киселина па се до салицилна киселина на интернет може да се најдат различни препораки за тоа што е безбедно да се користи. Некои велат дека треба да се исфрлат целосно од рутината, некои пак ја наведуваат концентрацијата којашто е максимално дозволена да се користи од дел од киселините.

Млечната киселина (lactic acid) ја имаме природно во нашето тело па се смета дека е безбедно да се користи за време на бременост и доење. Млечната киселина е одлична состојка којашто прави блага ексфолијација на површинскиот слој на мртви клетки од кожата, помага во подобрување на текстурата на кожата и е киселина којашто има најмала веројатност да ви предизвика иритации.

Гликолната киселина на места препорачуваат да не се користи, кај други пак е нагласено дека доколку е застапена до 10% во составот, тогаш истата може да се нанесува. Јас лично ја користев во 7% концентрација, во тонерот на The Ordinary. Но, откако го земав серумот со млечна киселина на The Ordinary Lactic acid 10%, значително ја намалив зачестеноста на користење на гликолната киселина и се префрлив на млечната киселина.

Салицилната киселина се препорачува да не се користи, но исто така можете да најдете многу мислења каде што се вели дека може да се користи доколку е застапена во концентрација помала од 2%.

Јаките хемиски пилинзи коишто најчесто се прават со поголеми концентрации на гликолна, млечна, салицилна киселина исто така треба да се избегнуваат.

4. Хидрокинон (Hydroquinone) се користи за осветлување на кожата при состојби на мелазма, пеѓи, лузни од акни и флеки од стареење и како таква состојка се препорачува да се избегнува во текот на бременоста и доењето. Таква состојка е и алфа арбутинот.

5. Бензоил пероксид - на многу листи е вброена како состојка којашто треба да се избегнува, причината не ја знам.

6. Ласерот и ласерски терапии се  препорачува да се избегнуваат во бременоста.

7. Кремите за самопотемнување не се препорачува да се користат за време на бременост и доење.

 

Состојки коишто се дозволени да се користат за време на бременост

Има голем број на состојки коишто имаат благопријатно дејство на кожата и не претставуваат опасност за бремените жени и доилките.

  1. Хијалуронска киселина -  состојка којашто ја имаме и природно во нашето тело. Можете да ја користите секојдневно во вашата рутина, и наутро и навечер. Лесно се комбинира и со други активни состојки, ја хидрира и освежува кожата. Мојата кожа во текот на бременоста беше посува од вообичаено, па хијалуронската киселина ми беше супер состојка во мојата рутина.
  2. Витамин Ц - помага во осветлување на флеки и хиперпигментации, стимулира производство на колаген, антиоксиданс којшто ја штити кожата од слободните радикали. Ја прави кожата фотосензитивна па секогаш по нејзино користење мора да се нанесе крем со заштитен фактор. Во текот на бременоста можно е да се појават флеки коишто се јавуваат како резултат на хормоналните промени, витамин Ц-то помага во нивно намалување.
  3. Нијацинамид (Витамин Б3) - Одлична состојка којашто помага во регулацијата на лачење на себум и ја контролира појавата на нови акни. Со континуирано нејзино користење забележав и визуелно намалување на изгледот на порите (знам дека тоа не е возможно но оптички така ми делуваше). Исто така помага во намалување на флеки.
  4. Азелаична киселина - киселина која третира акни, хиперпигментации, прави и блага ексфолијација на површинскиот слој на кожата, намалува црвенила. Го освежува и осветлува тенот.
  5. Centella (CICA) - или таканаречена тигрова трева, ја смирува и негува кожата. Може да помогне и во превенција на појава на стрии затоа што помага во подобрување на еластичноста на кожата кај најпогодените делови.
  6. Пантенол (во крем и спреј форма) - Одлична состојка којашто ќе ја смири вашата кожа, ќе и даде дополнителна нега и хидратација. Ќе помогне и во обнова на оштетената бариера на кожата.
  7. Церамиди -  креираат заштитен слој на кожата и спречуваат губење на влага и оштетување од надворешни фактори

Есенцијалните масла генерално може да се користат во бременоста, но имајте предвид дека вообичаено кожата на нив може да изреагира бурно и непредвидливо особено во бременоста кога кожата е поосетлива. Поради тоа јас препорачувам кога можете да ги избегнете во рутината.

Состојки коишто треба да ги избегнете додека доите

Доењето е далеку помалку рестриктивно кога станува збор за состојки коишто треба да ги избегнувате во својата нега на кожа. Во процесот на доење повеќе се внимава што се внесува во организмот од аспект на хранливи состојки отколку што се нанесува на површината на кожата. Генерално правило е дека ретиноидите треба да се избегнуваат додека доите. Уште една состојка којашто треба да се избегнува е хидрокинонот. Се останато во глобала е дозволено да се користи.

Со кои проблеми во поглед на кожата се соочивте вие во вашата бременост и кои беа состојките коишто ви помогнаа  успешно да ги надминете?

Ве гушкам,

Бојана

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top