Timeless skin care Matrixyl 3000 | Review

Timeless skin care matrixyl

Некој ќе спомне „анти ејџинг“ (anti-aging), јас сум веднаш цела претворена во уши. Крема за борба против стареење, може, клик, кошничка. Серум за подмладување, може, клик, кошничка. И така приказната продолжува.

Од неодамна во мојата рутина го вметнав Timeless Matrixyl 3000 серумот кој претставува потентен серум кој помага во борбата против стареење на кожата. Тоа го прави преку стимулацијата на кожата да произведува колаген и да го подобри целосниот изглед на кожата, нејзината еластичност, цврстина и текстура.

Timeless skin

Но за почеток сакам да ве запознаам на кратко со брендот Timeless skin care кој е релативно од скоро достапен кај нас, а овој серум е првиот производ кој го пробувам од нивната линија на производи. Основан е во 2009-та во САД, Јужна Калифорнија. Нивната филозофија на работење е “Under sell and over deliver”  (навистина не ми текнува како најточно да го преведам на македонски). Целта е да овозможат квалитетни производи за нега на кожата по достапни цени и висока ефикасност на делување. Се фокусираат на креирање производи кои се со висока концентрација на активни состојки и намалена употреба на филери и хемикалии.

Matrixyl 3000

Matrixyl 3000

Сега да се вратиме на серумот. Главната состојка на овој серум се забележува уште од неговото име, станува збор за матриксил 3000. Матриксилот 3000 е патентирана и клинички тестирана состојка која е докажано дека има одлични ефекти во успорување на процесот на стареење. Матриксил 3000 е пептидна композиција составена од матрикините Palmitoyl tripeptide – 1 и Palmitoyl tetrapeptide – 7. Матрикините се пептиди коишто се ослободуваат при разложувањето на протеините (протеолиза) и  ја регулираат активноста на клетките преку клеточна сигнализација. На пример, кога колагеновиот протеин се разложува матрикините испраќаат сигнал до фибропластите да произведат нов колаген. Поради тоа што матрикините имаат способност да го стимулираат производстството на колаген, еластин и сл. создадени се синтетски пептиди коишто ги имитираат тие ефекти.

Покрај матриксил во серумот е додаден и 1% на хијалуронска киселина која ги зголемува и одржува оптималните нивоа на хидратација за да се постигне изглед на мазна и здрава кожа.

Како се користи?

Серумот може да се користи и наутро и навечер. Три до четири капки се доволни за лицето, вратот и деколтето (кога ја правиме рутината за нега на кожа никогаш не треба да ги изоставуваме вратот, деколтето, па и дланките на рацете). Наменет е за сите типови на кожа како и за кожа каде што се забележуваат првите знаци на стареење.  Ја враќа цврстината на кожата, ја подобрува еластичноста, ја обновува оштетената кожа и обезбедува оптимално ниво на хидратација на кожата.

Текстура и пакување?

Овој серум има преубава, лесна, речиси свиленкава текстура. Брзо се впива по нанесувањето и воопшто не лепи. Кожата ја измазнува и и дава преубав здрав сјај. Шишенцето е обоено црвено и е заштитено од светлина. Пипетата е одлична, прецизно и лесно го зема производот.

Matrixyl 3000 texture

Какво е моето искуство со овој серум?

Timeless Matrixyl 3000 серумот го користам речиси два месеци во мојата ноќна рутина. Го нанесувам на чиста кожа по нанесување на хидратантен тонер. Подобрување во еластичноста и свежината на кожата забележав многу брзо, дури по првата недела од користење. Преубаво ја хидрира кожата, а не ја масти. Нема боја и мирис. Во последно време и се навикнав да користам производи за нега без додадени мириси така да оваа особина на серумот ми дојде како бонус. Има едноставна, а моќна формулација која супер ми се вклопи со останатите производи во мојата рутина. Единствено не го користев во вечерите кога користев пилинг тонери со киселини. Во сите други денови го нанесував него во комбинација со други хидратантни тонери и серуми. За среќа немам многу бори и фини линии на кои им треба пополнување, но дефинитивно забележав  подобрување во целокупниот изглед и текстурата на кожата. Она што е најважно е што не предизвика никакви иритации или пак појава на акни, на мојата осетлива кожа. Прочитав и многу рецензии каде нагласуваат дека забележале позитивни промени кај лица со зрела кожа, каде кожата изгледала и се чувствувала балансирано, изедначено и со намалени бори и фини линии.

Да резимираме...

Timeless matrixyl 3000 серумот е одличен избор за сите кои сакаат во својата рутина да вметнат ефикасен серум за успорување на процесот на стареење на кожата. Дополнително овој серум ќе помогне да добиете изедначен тен и текстура на кожата, ќе придонесе до зајакнување на барирата и до подобрување на еластичноста и цврстината на кожата. Во целиот тој процес ќе обезбеди оптимално ниво на хидратација и кожата ќе изгледа здраво и свежо. Соодветен е и за примена кај сензитивна кожа, лесно се комбнинира и со други серуми, брзо се впива и ја остава кожата нежна и мазна на допир. Мене ми е одличен и дефинитивно ќе продолжам да го користам во мојата рутина.

П.С. Timeless Matrixyl 3000 серумот можете да го најдете кај beautyhub.mk

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top