По големото воодушевување од целата линија за нега на кожа од Distillery, од која што сите производи за брзо време станаа дел од мојата рутина, на ред дојде и makeup линијата, односно нивната козметичка линија, која што ја лансираа на нашиот пазар. Имав прилика да ги тестирам производите веќе некое време, па сум спремна да ги споделам моите впечатоци со вас.
Како и кај производите за нега и тука станува збор за чиста линија на козметички производи кои што:
- Не содржат состојки од животинско потекло
- Не содржат алкохол
- Не содржат мирис
- Не содржат вештачки бои
- Се алерготестирани
- Се клинички тестирани.

Во креирањето на оваа совесно создадена колекција се користени само најчистите минерални пигменти и неопходни состојки. Дестилацијата значи дека производите се чисти и концентрирани за постигнување динамични бои со само еден потег. Воедно се и природни и лесни за користење.
Во колекцијата, за сега, има три достапни производи:
- Камена пудра
- Сенки за очи
- Маскара
Пакувањето е минималистичко, основна боја е белата која ме асоцира на чисто, во комбинација со златни букви кои што даваат луксузно чувство на производите. Пакувањето е картонско од рециклирана хартија, се отвора/затвора со помош на магнет. Пакувањето е сертифицирано од FSC. За производите за нега на кожата се користи стакло со цел целосно да се избегне пластиката. За козметичката линија се користи картонско пакување и не се вметнати огледала со цел да биде полесно рециклирањето на самото пакување. За лесна преносливост на кармините и маскарата сеуште се користи пластично пакување, но целта на брендот е до 2025 година сите производи да имаат 100% рециклирачко пакување.

Distillery Pressed to Impress Powder Foundation камена пудра
- Камена пудра со висока концентрација на нежно приспособливи пигменти од природни минерали за долготрајна боја.
- Достапна е во 6 нијанси. Јас ја имам во нијансата 110 и е прекрасна неутрална нијанса.
- Во составот има омега 3+6 од масло од малина, антиоксиданти и минерални пигменти.
- Убаво го матира лицето, ги пополнува порите и дава дополнителна природна покривност и боја на лицето. Кај мојата кожа го држи себумот под контрола повеќе од 5 часа.
- Може да се нанесе и со сунѓерче и со четка, со тоа што со сунѓерче се добива појака покривност.

Distillery Shadow Shots
- Сенки за очи со уникатна, висока концентрација на пигменти за богата и смела боја со еден потег.
- Во составот се вклучени природни минерали, вегански емолиенти и органски пченкарен скроб.
- Достапни нијанси – 2 мат нијанси (Batch 330 и Batch 310) и 5 металик светкави нијанси (Batch 323, 473, 436, 407 и 425)

Distillery eyeshadow Batch 330
- Јас ги имам следните нијанси:
Batch 330 – прекрасна чоколадно кафена мат нијанса, која што е многу пигментирана, а сепак лесно се нанесува и „бленда“. Може да се користи за да се постигне зачаден (smokey) изглед, да се нанесе со закосена четка во вид на ајлајнер или да се користи во комбинација со другите бои за да се потенцира прегибот на окото или надворешните краеви на окото.

Distillery eyeshadow Batch 323
- Batch 323 – Прекрасна бронзена металик нијанса совршена за секој ден и за сите бои на очи. Јас ја нанесувам на цел очен капак концентрирано, ако сакам да постигнам понежен ефект со четкичка за блендање ги измазнувам ивиците на нанесената сенка, со цел да добијам ефект на преливање (градиент).

Distillery eyeshadow Batch 425
- Batch 425 – Прекрасна розево-бордо нијанса, која што убаво прилега на моите кафени очи, но уште поубаво би ги истакнала зелените и сините очи. Исто како и бронзената нијанса и оваа нијанса има убав металик светкав финиш, лесно се нанесува, може да се нанесе интензивно на целиот очен капак или пак да се ублажат ивиците со цел да се добие smokey gradient ефект.

Eyeshadow swatches - left to right: Batch 110, Batch 425, Batch 323, Batch 330
Металик нијансите прекрасно се нанесуваат и со прсти. Одлични се за сите оние кои што сакаат со нанесување на само една нијанса да постигнат едноставен ефективен изглед. Премногу се пигментирани, не им треба база за да се истакне пигментот и долготрајноста, сами по себе функционираат совршено.

Distillery Lash’d up mascara
- Маскара за подигнување на трепките, ги затемнува, згуснува и волуменизира со чиста моќна боја и највисока концентрација на восок од оризови снегулки за поголем волумен.
- Во составот има вегански восок од сончоглед, восок од оризови снегулки и минерални пигменти.
- Има силиконска четка. Убаво ги расчешлува и раздвојува трепките, на моите трепки им дава должина, но не и голема густина. Ги зацрнува, но не премногу, па е идеална за секојдневна употреба.
Заклучок: Цела козметичка линија на Distillery е прекрасна. Ако би требало да издвојам омилен производ тоа би биле сенките, изненадена сум од прекрасната пигментација и леснотијата со која се нанесуваат. Но сепак би кажала дека сите три производи се одлични и дефинитивно ќе продолжам да ги користам и понатаму. Од сенките сигурно ќе набавам уште по некоја нијанса.
Поздрав и до следен пост, останете во добро здравје.
Love,
Бојана