Сè што треба да знаете за двојното (длабинско) чистење на лицето

Double cleansing method

Длабинско чистење на лицето - што означува и како се применува

Двојно (длабинко) чистење на лицето е метода на чистење на лицето во два чекори: првиот чекор вклучува чистење на лицето со користење на маслен отстранувач на нечистотии од лицето; вториот чекор вклучува користење на воден отстранувач на нечистотии (гел/пена за измивање на лицето).

Зошто е важно длабинското чистење? Не е важно само за да се отстрани шминката после напорниот работен ден, туку и за да се отстранат сите бактерии и нечистотии од воздухот кои што се налепиле во текот на денот и кои што може да предизвикаат стареење, пигментација и појава на акни.

Со користење на маслениот чистач (масло, балзам или мицеларна вода) ја разложуваме шминката, производите со заштитен фактор, мртвите клетки и себумот акумулиран на површината на лицето во текот на денот. Со следниот чекор на користење на чистач на водена база, се прави подлабинско отстранување на нечистотиите од порите на лицето и потта. Со првиот чекор завршувате тогаш кога ќе приметите дека нема повеќе остатоци на шминка на туферот или крпата. За вториот чекор треба да изберете чистач кој што е соодветен на вашиот тип на кожа и да има состојки кои што ја хидрираат кожата, измазнуваат, прават ексфолиација или третираат акни. За да направите ефикасно чистење на кожата потребно е пената или гелот што се на водена база да ги масирате на лицето во времетраење од една минута, на тој начин ќе се осигурате дека сте оставиле доволно време на чистачот да се активира и успешно и длабински да ги отстрани сите нечистотии од вашето лице. Исто така температурата на водата со која што го измивате лицето е многу важна, претопла или преладна вода може да ја оштети вашата кожа, млака вода е идеална за да не предизвика некои несакани последици.

Откако ја користам оваа метода на отстранување на шминката и останатите нечистотии од моето лице осетив значително подобрување во изгледот на мојата кожа. Кожата изгледа свежа и мека, а ми се подобри и самата текстура на лицето.

Во денешниот пост ќе Ви ги претставам моите омилени маслени чистачи за лице.

Avon Anew Transforming Balm

1. AVON Anew Clean Transforming Cleansing balm

Го обожавам овој прочистувачки балзам, воедно и беше првиот производ кој што го купив за да почнам со практикување на оваа рутина. Трансформирачкиот прочистувачки балзам на Авон е осмислен за да ја прочисти кожата и без напор да ја отстрани шминката, длабоко да ги прочисти порите и ефективно да ја отстрани шминката од очите, оставајќи ја кожата кадифено мека,  чиста и без мрсен завршеток. Овој луксузен нежен балзам започнува прво како богат балзам, се раствора на кожата во ублажувачко масло, а со додавање на топла вода се трансформира во смирувачки, кремаст лосион – формирајќи уникатна заштитна хидратантна бариера која што ја имитира природната одбрана на кожата без да ја оштети кожата и ја задржува хидратацијата во текот на целиот ден за да се постигне здрав, блескав и младешки изглед.

Овој производ има комбинација со мешавина од масло од кајсија, егзотичен комплекс со путер и нежни восоци за прочистување за да го подобрат целокупниот изглед на тенот на кожата, текстурата и линиите со текот на времето, оставајќи ја кожата негувана и подмладена. Вели дека е соодветно за сите типови на кожа, алерготестирано и дека не ги затнува порите. Она што е многу важно е тоа дека навистина не ја иритира кожата и не предизвокува солзење на очите па безбедно и лесно ги отстранувам сите остатоци од маскара, ајлајнер и сл.

Едно пакување содржи 50 мл. производ, со оглед на тоа што ви е потребна само мала количина, производот со сигурност ќе ви трае неколку месеци.  Овој производ може да се нарача преку претставниците на Авон, цената се движи од 400 ден. до 600 ден. зависно од моменталната каталошка понуда.

Начин на употреба: Нанеси мала количина на сува кожа и нежно масирај со кружни движења за ефикасно да се отстранат шминката и останатите нечистотии. Понатаму исплакни со млака вода и мека крпа за лице.

Avon Distillery Clean Break cleansing Balm

2. Avon Distillery Clean Break Cleanser

Станува збор за моќен балзам од новиот clean бренд Distillery на Avon кој што ги разложува нечистотиите, длабински чисти и негува. Содржи 69% чисто ладно цедено масло од кајсија, 100 % формула без вода. Клучни состојки кај овој производ се маслото од кајсија, путер од какао, путер од манго и екстракт од краставица (поради екстрактот од краставица и се чувствува мал мирис на краставица кој што дополнително дава чувство на свежина на лицето).

Маслото од кајсија е компатибилно со маслата од нашата кожа. Формулата е доволно нежна за пределот околу очите. Текстурата на путер се претвора во маслена-млечна состојба. Супер е тоа што доаѓа во кутија од рециклиран картон, тегличка од рециклирано стакло и алуминиумско капаче. Во својот состав нема состојки од животинско потекло, нити парфеми и алкохол. Може да се нарача преку претставниците на Авон по цена од 799 ден.

Начин на употреба: Нанеси мала количина на сува кожа и нежно масирај со кружни движења за ефикасно да се отстранат шминката и останатите нечистотии. Понатаму исплакни со млака вода и мека крпа за лице.

Balea cleansing oil

3. Balea масло за чистење на лице

Најнов производ кој што го имам вклучено во мојата рутина на двојно длабинско чистење е маслото за чистење на лице на Balea. Формулата е без парфем. Брзо и лесно ја остранува и водотпорната шминка. Првенствено е наменето за лица со сува кожа, јас имам комбинирана кожа и подеднакво добро ја отстранува шминката без да предизвика појава на акни. Во составот има арганово масло.

Ја чисти и негува кожата без да остави масни траги на лицето. Негувателната формула го задржува природниот баланс на кожата. Одлично ја отстранува шминката и остатоците од маскара и ајлајнер, без притоа да направи иритација на пределот околу очите и да предизвика солзење. Пакувањето содржи 100 мл. производ. Лесно се дозира со помош на пумпица. Можете да го пронајдете во сите ДМ дрогерии, по цена од околу 200/250 ден.

Начин на употреба: 2-3 капки се нанесуваат на дланките и се втријуваат со кружни движена на сува кожа на лицето. По потреба се додадаваат уште 1-2 капки за темелно остранување на водоотпорната шминка на очите и усните. Се плакне со млака вода и мека крпа за лице или туфер.

Никогаш не доцна и доста да се потсетуваме на златното правило, а тоа е НИКОГАШ НЕ ЛЕГНУВАЈТЕ СО ШМИНКА НА ЛИЦЕТО. Со помош на длабинското чистење ќе можете успешно да ги остраните сите остатоци од шминка и нечистотиите на лицето акумулирани во текот на денот. На тој начин и соодветната ноќна рутина која што ја практикувате (нанесување на тонер, серум, хидратантна крема и сл.) ќе има подобар ефект. Длабинското чистење се препорачува навечер. Наутро е доволно само да го исчистите лицето со помош на вода и чистач кој што е на водена база. За омилените чистачи на водена база ќе ви пишувам во некој следен пост.

Xo Xo,

Бојана

 

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Scroll to top